Корбин сака нови парламентарни избори во Британија

Лидерот на британската опозиција Џереми Корбин е обидува да наметне скоро одржување на нови парламентарни избори, откако премиерката Тереза Меј на неодамнешните избори кои самата ги распиша го загуби апсолутното мнозинство, пишува во саботата Daily Mirror.

Челникот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин изјавил за таблоидот дека е бесмислено премиерката да остане на власт, имајќи предвид дека не е во состојба да постигне договор со северноирската унионистичка партија DUP, две седмици по изборите.

Со 317 од 650-те мандати, Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј мора да ја добие поддршката од десетте пратеници на ултраконзервативната DUP, за да има апсолутно мнозинство во Претставничкиот дом.

Досега не е постигнат договор меѓу двете партии, а преговорите продолжуваат. За довербата на новата влада треба да се гласа на 29 јуни.

Првпат во петокот Џереми Корбин ја мина Тереза Меј во едно истражување на јавното мнение за тоа кој би бил подобар премиер. Предност му дале 35 отсто од испитаниците, наспроти 34 проценти на актуелната премиерка.

Ослабена по предвремените парламентарни избори, Меј дополнително стана цел на критики по низата терористички напади последните месеци во Велика Британија, како и поради задоцнетиот одговор на пожарот кој ноќта кон 14 јуни избувна во 24-катница во Лондон, во кој загинаа најмалку 79 луѓе.