Во петокот се потврдени пет нови случаи на зараза со новиот тип коронавирус кај фудбалери на италијанските прволигашки клубови, четворица играчи на Самдорија и еден на Фиорентина.
Во тимот на Сампдорија, градскиот ривал на Џенова на македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев, со коронавирусот се заразени Норвежанецот Мортен Торсби, Швеѓанецот Албин Екдал, Гамбиецот Омар Колеи и Италијанецот Антонио Ла Гумина. Покрај нив заразен е и клупскиот лекар Амадео Балдари. Претходно во четвртокот беше потврдено дека е заразен уште еден член на тимот, Маноло Габиадини.
Од клубот објавија дека сите заразени се чувствуваат добро, и оти се наоѓаат во своите домови во изолација.
„Сампдорија веднаш ги презема сите процедури предвидени за ваквите случаи: сите клупски простории се затворени, екипата, водството и вработените кои биле во контакт со заразените се наоѓаат во доброволна домашна изолација“, соопштија од Сампдорија.
Претходно во петокот од Фиорентина потврдија дека позитивен на коронавирусот е новниот 20-годишен српски напаѓач Душан Влаховиќ, кој не покажувал никакви симптоми и се наоѓа во неговиот дом.
Бројот на заразените играчи со Covid-19 во Серија А со овие случаи се зголеми на вкупно седум, откако во средата и Јувентус објави дека позитивен на коронавирусот бил нивниот бек Даниеле Ругани.