Норвешките власти одлучија да ја запрат воената вежба на НАТО во својот арктички регион поради емидемијата од новиот вид коронавирус, соопшто во средата норвешката армија.
Околу 16.000 војници од десет земји се собраа во Норвешка поради одржувањето на воената вежба на НАТО под назив „Cold Response 2020“, неделеку од најсеверната граница на Алијансата со Русија.
Вежбата, којашто беше предвидена да трае од 2-ри до 18-ти март, требаше да влезе во најинтензивната фаза во четвртокот на 12-ти март, се наведува во соопштението на норвешката армија.
Претходниот викенд Финска објави дека ќе ги повлечат нејзините 400 војници кои требаше да учествуваат на НАТО воените маневри во Норвешка, поради безбедност и опасноста од ширењето на заразата со коронавирусот.
Имено минатиот петок беше објавено дека околу 1.300 војници се наоѓаат во карантин на меѓународната воена вежба „Cold Response 2020“ во Норвешка поради појава на коронавирусот кај еден од учесниците на маневрите.
„Сакаме да ја сочуваме борбената способност на војската за да може да му помогне на општеството во немирните времиња кои се пред нас“, изјави генералот Руне Јакобсен на прес-конференција на која го објави предвременото завршување на воената вежба на НАТО.
„Коронавирусот е надвор од контролата во општеството“, додаде Јакобен.
Досега во Норвешка со новиот сој коронавирус Covid-19 се заразени 277 лица.