Косовскиот премиер Авдулах Хоти во средата уверуваше дека Приштина досега постигнала договори за набавка на речиси два милиона вакцини против коронавирусот, како и дека првите количества ќе пристигнат во февруари.
На денешната прес-конференција Хоти информира дека 535.000 вакцини се обезбедени со договорот со команијата „Pfizer“, 600.000 со Австрија и уште 720.000 со програмата Covax.
Здравствениот персонал и лицата над 65-годишна возраст ќе бидат првите кои ќе се вакцинираат, а се планира дневно да се имунизираат по околу 20.000 граѓани.
„Направена е голема работа за изготвување стратегија за имунизација, при што се дефинирани приоритетите на вакцинирањето, кое ќе се врши според тоа како ќе ни пристигнуваат количините на вакцини… Стратегијата ги предвидува во детали дејствијата на здравствените институции за да се создадат потребните капацитети за вакцинирање“, изјави Хоти.
Го оцени како добра вест опаѓањето на бројот на заразените со коронавирусот последните денови, но рече дека актуелните мерки за спречување на ширењето на пандемијата остануваат во сила.
„Овие мерки остануваат во сила и натаму, а знаеме дека истите се преземени како модел и од други држави,“ рече Хоти.
Директорот на Националнот институт за јавно здравство на Косово, Насер Рамадани, изјави дека меѓу приоритетните категории на лица за вакцинирање, освен здравствените работници и повозрасните, се и лицата од критичните групи со хронични заболувања, лицата со посебни потреби, лицата кои се грижат за стари и болни, вработените во училиштата, полицијата и војската.
Рамадани информира дека секое вакцинирано лице ќе биде снабдено со картон за имунизација.