Косово го исклучи српскиот динар од оптек, нов предизвик во дијалогот со Србија

Белград и Приштина се пред нов предизвик во дијалогот за нормализација на односите по одлуката на Централната банка на Косово (BQK) дека од 1. февруари единствена дозволена валута на Косово ќе биде еврото, што значи дека динарот е исклучени од платежни трансакции во мнозинските српски области.

Платниот систем на Србија продолжува да функционира во поранешната јужна покраина Косово и Метохија и по војната во 1999 година во доминантно српски области, а динарите се во оптек преку Трезорот на Србија во трговијата, српските институции, угостителството и другите приватни услужни дејности.

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени во швајцарски Давос, каде што учествува на Светскиот економски форум, дека најавата на Приштина за откажување на платните трансакции со Србија претставува обид за откажување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и обид за протерување на српскиот народ од Косово. Тој изрази уверување дека меѓународната заедница нема да го дозволи тоа, јавуваат белградските медиуми од Давос.

Според соопштението на Централната банка на Косово (BQK), „единствената валута дозволена за извршување на готовински платежни трансакции – во готовина во платниот систем во Република Косово е еврото“. Се додава дека, според Уставот на Република Косово, еднострано прогласен со поддршја на запдните земји во 2008 година, и законот за централна банка, еврото ќе биде единствената валута во сите готовински плаќања.

Други валути може да се користат за меѓународни плаќања или за девизни активности. Размена на валута во Косово ќе биде можна само во институции кои имаат лиценца на CBK за овие услуги.

„Сите други одредби кои се во спротивност со оваа регулатива, стапуваат во сила од моментот на влегување во сила на овој правилник“, се вели во соопштението на BQK за регулативата, која ќе стапи во сила на 1. февруари.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во средата во Давос индиректно потврди дека платежните трансакции на Србија ќе бидат суспендирани на Косово. Тој е убеден дека, доколку најавената регулатива почне да се применува, тоа „нема да доведе до опасна ситуација“, и дека ќе се најде решение „без негативни последици“.