Поранешниот шеф на косовската дипломатија и актуелен потпретседател на парламентот и на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај, за Топ ченел изјави дека Косово треба да им се приклучи на земјите од регионот во рамки на Отворен Балкан.
– Вклучувањето на Косово во иницијативата „Отворен Балкан” е неопходно. Одбивањето да стане дел од оваа иницијатива има последици во многу аспекти а учеството во оваа регионална иницијатива е решено со Вашингстонскиот договор, рече тој.
Според него ова е краен момент Владата на Косово сериозно да размисли, да се откаже од изолацијата и да покаже дека е за соработка.
Хоџај додава дека од економски аспект, трговијата со Србија не треба никого да плаши а ги отфрла и аргументите на Владата на премиерот Албин Курти дека неучеството е поврзано со нееднаквиот третман на Косово во оваа иницијатива.
– Апелирам до другите опозициски партии да погледнат подалеку кога станува збор за ” Отворен Балкан” за да ја убедиме владата да се откаже од изолацијата на земјата, посочи Хоџај.