Косовската полиција ги повика Албанците да ги игнорираат повиците за „Марш кон север“

Во екот на зголемените тензии на северот на Косово, поради конфликтот меѓу Србите и припадниците на КФОР на почетокот на оваа недела, на социјалните мрежи на албански јазик се шири  повик до граѓаните да „маршираат кон север“.

Косовската полиција денеска ги повика граѓаните да ги игнорираат ваквите повици, наведувајќи дека се целосно способни да обезбедат безбедност за сите граѓани.

Од полицијата велат дека се запознаени со наводите кои се најдоа на неколку социјални мрежи.

„Од различни поединци и профили кружат соопштенија со кои се повикуваат албанските граѓани да учествуваат на наводен масовен протест денеска во 12 часот во Јужна Митровица, наводно со намера да маршираат кон северот на државата“, велат од косовската полиција.

Објаснија дека оценката на безбедносните институции е дека всушност станува збор за сомнителни профили и „злонамерни објави“, „на штета на сопствените граѓани и интереси на Косово“.

Според тоа, тие ги повикаа граѓаните да останат смирени и да не наседнуваат на наводни организации на непознати лица, јавува Kossev.

Истовремено, порачуваат граѓаните да остават на безбедносните институции „професионално да се справат со ситуацијата“.

„Ние им гарантираме на граѓаните дека институциите на Косово воопшто, а особено косовската полиција се целосно способни и посветени да гарантираат безбедност, ред и мир за сите граѓани“, велат тие.

Тие истакнаа дека ја ценат соработката и поддршката на граѓаните во одржувањето на мирот и стабилноста.

Вчера приштинските медиуми објавија дека и албански рапер испратил покана до граѓаните да се приклучат на протестот, во кој изјавил дека е „подготвен да се бори од Тирана до Косово“.

За разлика од полицијата која наведува дека се работи за протест со намера „за марширање кон северот на државата“, ова лице ги повика граѓаните за денеска во 12 часот со порака „да маршираме за север“.