Костовски: Наместо инвестици во проекти, градоначалникот на Бутел за четири години потроши 1,6 милиони евра за привремени вработувања

Општина Бутел за 2021 година ќе потроши 24.780.000 денари или над 400.000 евра само за партиски класични вработувања, а во текот на својот цел мандат градоначалникот во заминување Велимир Смилевски од касата на општина Бутел односно од парите на граѓаните за партиски и крајно непродуктивни вработувања троши неверојатни 99.000.000 денари или над 1.600.000 евра, истакна во петокот Дарко Костовски, пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Костовски посочи дека оваа скопска општина станива „неприкосновен рекордер во државата“, но не според борјот проекти кои ги реализирала локалната власт, туки според „лажење и по бројот на привремени партиски вработувања“ од кои општинската администрација и граѓаните апсолутно немаат никаква реална потреба.

„Иако СДСМ има апсолутна власт на централно и локално ниво, со жалење може да се констатира дека општина Бутел е целосно заборавена општина, предизборно ветените проекти од страна на (премиерот Зоран) Заев и Смилевски се само груба манипулација на граѓаните на општина Бутел“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Костовски посочи дека пред четири години СДСМ во оваа општина вети градење нова поликлиника, нова полициска станица, нов противпожарен пункт, плоштад, детски градинки, училишта, гасификација, голем спортски комплекс, канализација во населените места Кучевишка бара и Бел камен, водовод во селата Љуботен и Љубанци, кои останале нереализирале и за ниту еден од овие ветени проекти нема ниту почетна фаза на реализација додека истите беа со рок до крајот на овој мандат.

„Секако дека овие 1.600.000 евра потрошени на крајно недомаќински начин и за партиски цели, доколку беа насочени кон вистинските потреби на граѓаните на општина Бутел убеден сум дека без никакви потешкотии општината ќе реализираше барем неколку од гореспоменатите ветени проекти кои за жал во овој момент можеме да констатираме дека се само сурова лага. Велимир Смилевски или градоначалникот во заминување, во својот мандат покажа како НЕ треба да се води една општина, нереализирањето на ниту еден покрупен проект го позиционира како еден од најлошите градоначалници на ниво на држава“, додаде Костовски.

Поради ваквите неодмаќински политики, Косовски е уверен дека градоначалникот Смилевски ќе биде казнет од граѓаните на Бутел и со тоа општината повторно ќе биде „во рацете на народот“.