Ние сами ќе ја спасевме банката, но на некому му се брзаше. Зошто, како, при неформирана Влада, при пандемија, тоа е лудо, кажете ми пример во ваква дадена ситуација да се преземат такви ригозорни мерки, обвини денеска бизнисменот Трифун Костовски на прес конференција за новинарите.
Костовски, обелодени дека течеле преговори за продажба на Банката, но дека истата е спречена.
Имало инвеститор кој требало да достави понуда до денеска, а тоа го знаела и НБРМ. Тој бил сериозен инвеститор, но поради корона кризата не биле во можност да дојдат во земјата и да го презентираат целиот бизнис план за продажба на банката, истакнаа од фамилијата Костовски.
-Имавме понуди за продажба на нашата банка, кои гарантираа стабилност, просперитет и развој, имавме понуди од големи групации и за тоа беа запознаени од Народната банка. Едниствен услов беше да дојдат тука, но тоа не се случи поради состојбата со Ковид 19. Крајниот период за понудата беше денешниот ден, изјави Коста Костовски.
Тој истакна дека ќе преземат комплетно ригорозни мерки за тужење на Република Северна Македонија и Народната банка за нанесена штета, на нив како акционери и комплетно на банката, посочувајќи дека доколку ја добијат оштетата тие средства исклучиво ќе бидат наменети за подмирување на сметките на нивните комитенти.
Неговиот син, Коста Костовски рече оти е несомнено дека „Еуростандард банка“ се наоѓала во еден период во којшто и била потребна докапитализација.
– Ние како семејство се одделивме од едно здраво ткиво на нашите инвестиции за да ја спасиме „Еуростандард банка“ и тие средства беа влезени и сето тоа беше врз база на план и програма донесена од страна на НБ. Истите средства се вложија во покривање на загубите коишто ги остваруваше претходното раководство и следеше процес на докапитализација и евентуално во тој процес бевме спречени затоа што настана ситуацијата ковид – објасни тој.
Коста Костовски посочи дека нивната вина ја гледаат единствено во тоа што дозволиле да се наруши стабилноста на банката во изминатиот период.