Костовски веќе од утре започнува со реализација на еден од носечките проекти во Бутел ветени во кампањата

Дарко Костовски, градоначалник на општина Бутел во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма вели дека со првото доаѓање на позицијата констатирал дека околу 40-тина луѓе биле на платен список, а не доаѓале на работа, додавајќи дека претходниот градоначалник од СДСМ пробал да го заташка ова со исклучување на системот за куцање.

„Тоа што деновиве го констатирав е дека околу 40-тина луѓе биле на платен список, а не доаѓале на работа. Пробал претходниот градоначалник да го заташка тоа со неговиот тим, па го стопирале системот за куцање последните два месеца не работел и собирам информации за да има одговорност во однос на ова прашање, бидејќи станува збор за околу 1 милион евра потрошени за 4 години за овие привремени вработувања. Навистина тоа се средства со кои би се реализирале минимум два капитални проекти во општина Бутел“, рече Костовски.

Информираше дека претходната локална власт во Бутел потрошила два милиона евра за четири години за предвремени вработувања.

„Согласно систематизацијата има 77 вработени и плус 130-140 предвремени вработувања од кои 50-ина се примени како хигиеничари, значи 50 на список од кои само 15 доаѓаат на работа, другите се фиктивни коишто земаат само плата. Има таков пример и во администрацијата со околу 20-ина“, додаде Костовски.

Предочи дека општинската каса е во лоша состојба, нагласувајќи дека веќе од утре започнува со реализација на еден од клучните проекти кои што ги ветил во предизборната кампања.

„Во однос на касата во една лоша состојба, за жал. Но тоа не беше причина за денеска да не започнеме жестоко со работа. Денеска почнавме да ги чистиме 12-те големи депонии кои што беа направени последните 4 години, а утре ексклузивно најавувам дека ќе започнеме на еден од трите носечки проекти кои што ги најавував во предизборната кампања и ќе покажеме како треба да се работи“, нагласи Костовски.

На прашањето како ќе ја спречи бетонизацијата посочи дека веќе дал предлог за стопирање на изградба згради, со цел на тие локации да бидат подигнати паркови.

„Апсолутно тоа е мој политички став. Нема да дозволам изградба на згради согласно новиот план кој што се дава со новиот ГУП на тие места каде што мојот претходник планираше згради, јас веќе дадов насока да се пушти предлог да бидат паркови и сметам дека тој начин на силување на бетонизација кој што се случуваше во Бутел е еден од главните столбови врз кој што се потпре овој пораз на Смилевски. И во таа смисла контра на бетонизацијата е зелен Бутел и мислам дека тоа за многу скоро во пракса ќе го докажеме“, објасни Костовски.