Котлар: Мале, мале, со Бугарите сме биле ист народ, само не сме знаеле?!

Внимание, внимание… просветлување на денот! Еден поранешен и (ѓоа)македонски министер за надворешни работи, а потоа и дипломат на високо ниво во ООН, сполај му на Бога, просветлено напиша: „со Бугарите сме биле еден ист народ“ (се прашувам само кој народ!?)! Но, ние не сме го знаеле тоа, заради моќното влијание на „југословенската федерација“ врз македонската историографија да работи во стилот „пиши-бриши историја“.

Што да кажеме за бугарската историографија!?  Уште кога Чехот К.Иричек ги постави нејзините основи на чешки и на германски јазик 1876 г. и на руски јазик во 1878 г., таа сè уште твори според санстефанските идеи, а од тогаш, многу вода протекла, ама нема ништо друго направено.

Навистина, ако со овој капацитет на познавање на нештата и со потребното знаење овој некогашен професор на скопскиот правен факултет, предавал меѓународна политика и право, тогаш, јасни се „светлите моменти“ на нашата надворешнополитичка власт! Јас сега нема да пишувам трактат за спецификите и за самобитноста на македонската историја и нејзиниот развој во конкретните општествени формации, во низата на различни процеси, случувања, настани и личности (за тоа постојат обрзовни и научни институции), за да ја побијам заблудата или неточната констатација на некогашниот дипломат и професор. Ќе се задржам на нешто друго, поконкретно на бесрамноста тој да зборува за македонската историграфија.

Ако овој господин, имал или сè уште има забелешки или критики кон македонската историска практика, можел тоа да го направи на учен начин (според научни пропозици), уште во времето кога неговиот татко (авторот на македонската химна) бил уредник на научните списанија за историја, јазик и литература – „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, можел тоа да го стори веднаш по надворешнополитичкото патешествие, во 1998 г. на научниот собир со наслов „Македонската историска наука – достигнувања и проблеми“. Тогаш по пововод 50 г. од Институтот за национална историја (ИНИ) се дискутираше за македонската историографија од македонски и од странски историчари, филозофи, лингвисти, правници. Имаше учесници од Словенија, Србија, Бугарија, Чешка, Германија и др. Учествуваа и професори од Правниот факултет (В.Митков, Б.Поповска-Неткова, В. Ортаковски), но „просветлениот познавач“ на македонската историографија го нема! Го нема и на другите научни конференции кои се одржуваа на темата и во наредните години.

Затоа не е потребно „само да се кликне“ по белосветските сајтови, за да дознаете нешто повеќе за македонската историја – извори, архивска граѓа, историско пишување. Доволно е да ги прелистате, прочитате, осознаете (компетентно и критички) и нашите богати архиви и научните, образовните и културните институции да го запознаете научниот опус и на македонската историографија. Секако, ова творештво не е совршено, но е динамично, истражувачко, тековно. Моќта на научната работа е во нејзината дијалектичност и нема место за мистификација или пак, догма!

Пишува: Наташа Котлар-Трајкова за весникот „Скопско ЕХО“