Ковачев: Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја

Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, член на владејачката партија ГЕРБ, имаше интервју за Мкд.мк, а повод за тоа е изјавата на Бугарија со  која се условува македонската евроинтеграција со брзо „решение“ за историјата од 19 и 20 век, со исфрлање на терминот „македонски јазик“ и воведување на „службен јазик на РСМ“.

На бугарскиот европратеник му беше поставено прашањето дали за него постои македонска држава во која живее македонски народ што зборува на македонски јазик, на што одговори:

– Бугарија беше првата држава што ја призна Македонија веднаш по осамостојувањето – под името Република Македонија. Веднаш на младата република ѝ дониравме воена опрема за да може да се спречи потенцијалната закана од тогашна Југославија, во која тогаш доминираше Србија на Милошевиќ. Ние ве поддржавме и за време на ембаргото на јужната граница со храна и гориво. Потоа го браневме суверенитетот и територијалниот интегритет на тогашната Република Македонија за време на настаните во 2001 година.

Историски гледано, оставањето на географската област Македонија во рамките на Отоманската Империја беше огромна драма за тогашните поколенија на Бугарите од тие земји, кои го претставуваа најголемиот дел од населението. Бугарија секогаш ја поддржуваше Македонија со сите сили и средства, дури и под ризик од сопственото постоење, борбата на македонските Бугари за автономија, ослободување и независност во согласност со она што се случуваше на светската сцена. Значи, не треба да има какво било сомневање дека и јас и Бугарија ја почитуваме современата реалност што е факт по драматичните настани од минатиот век. Само заедно, заедно како дел од едно големо демократско европско семејство, можеме да ги надминеме страдањата и раздвојувањето од минатото. Затоа мотото на Европската Унија е „Обединете се во различностите“.

На дополнителното прашање за ословувањето со „македонските Бугари“, дали ова за него значи дека нема Македонци, туку само Бугари што живеат во државата Македонија, тој рече:

– Не. Напротив. Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец.

Но во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.