Ковачевски ќе го преиспита тендерот за набавката на скапиот прибор за јадење

Откако ќе биде избран за премиер мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека ќе ја провери јавната набавка за угостителски прибор во вредност од 37.000 евра и доколку е во обем и постапка која е несоодветна, ќе ја поништи.

– Јас немам детали за таа набавка бидејќи сѐ уште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид јавни набавки. Меѓутоа, од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста. Доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам – рече Ковачевски.