Ковачевски и Мицкоски ќе се сретнат в среда во Клубот на пратениците

Долгонајавуваната лидерска средба меѓу претседателите на најголемите политички партии во земјава ќе се случи во среда на 7-ми јуни.

„Ве информираме дека на покана на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ќе се одржи средба меѓу премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Средбата е закажана за 7 јуни 2023 година (среда) во Клубот на пратеници во 11 часот“, информираат од Владата.

На средбата, ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.

Од владеачката СДСМ претходно порачаа дека најдобро е двајцата лидери на состанокот да дојдат со свои тимови. Од таму рекоа дека уставните измени се единствениот пат до преговори со Унијата и дека подобро решение нема.

Мицкоски претходно, се изјасни дека за него е прифатлива средба тет-а-тет додека пак, тимови на двете партии можат да се сретнат претходно како подготовка на лидерскиот состанок. За него, клучно е од лидерската средба да произлезе суштински заклучок за државата и граѓаните, а не, како што вели, само да се прави пи-ар и спектакл за јавноста.