Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ и ние треба одлуката да ја донесеме заради граѓаните, интересот на земјата, на народот мора да го стави на прво место, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на денешната трибина во Куманово, на тема „МК во ЕУ до 2030″, Резултати што прават разлика” .
Во обраќањето пред присутните граѓани, Ковачевски повика на единство кога е во прашање иднината на државата и интересот на граѓаните, потенцирајќи дека одговорноста е заедничка на сите политички чинители, но и дека не е време на популистичка реторика.
„Интересот на земјата, на народот мора да го стави на прво место, макар еднаш. Не може да си дозволи една партија да не биде дел од ниту еден државнички процес, да не поддржи ниту една одлука важна за иднината на државата. Сите ние имаме одговорност пред граѓаните и пред земјата. Заедно треба да застанеме, рамо до рамо, и заедно да го браниме државниот интерес. Ние ќе продолжиме со нашата посветеност и со нашата работа, нашата рака за дијалог останува подадена. Ние сме на вистинскиот пат и сега е време да се продолжи по вистинскиот пат. Разликата е помеѓу изолација и интеграција во ЕУ. Пред сите нас е историска шанса да го продолжиме европскиот пат на земјата за што маме досега невидена и силна поддршка од нашите стратешки партнери, ЕУ и САД”, порача Ковачевски.
На трибината, Ковачевски посочи дека доколку не се направат следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и државата повторно ќе се најде во состојба на стагнација како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016 година.