Македонија го одбележува во понеделникот Денот на НАТО како 30-та полноправна земја членка на Алијансата. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на свечената церемонија изјави дека земјава е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина.
Ковачевски во својот говор порача дека на земјава и се потребни предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето, веќе е и геостратешко и безбеносно прашање и дека евро-интегратвните процеси треба да започнат без ден одлагање.
„Процесот на интеграција во НАТО Алијансата беше долг, но сега во криза гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со ЕУ“, изјави Ковачевски.
Со Македонија НАТО сојузот само се засили, изјави американската амбасадорка Кејт Мери Брнз во видео обраќањето на одбележувањето на Денот на НАТО. Таа додаде дека како рамноправен партнер,САД се горди што стојат обединети со Северна Македонија. Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, Брнз вели дека, гледаме колку е важно тоа партнерство и за Северна Македонија и за Европа.
„Како вреден и рамноправен партнер, Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години“, изјави Брнз, во видео обраќање.