Ковачевски по состанокот на ИО на СДСМ: Не стана збор за кадровски решенија за АА

Премиерот Димитар Ковачевски по вечерашниот состанок на ИО на СДСМ рече дека станало збор за многу теми, но не и за конкретни кадровски решенија со Алијанса за Албанците.

Во најголем дел се согласивме, не можам како Таравари да кажам колку е тоа во проценти, но останува да се утврдат деталите во текот на наредниот период. Разговарав и со Алтернатива изјави вечерва Ковачевски.

Тој соопшти и дека на сотанокот станало збор за голем број актуелни теми , како реформи во судството и за обвинителството.

Како дел од активностите за евентуално зголемување на владејачкото мнозинство, во Владата денеска се одржа средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на која, како што изјави Таравари, биле синхронизирани 90 проценти од програмските определби, но за кадровските решенија воопшто не разговарале.

Таравари рече дека влегувањето на АА во владиниот кабинет не е дефинитивно, но оти шансите за тоа се огромни.

Од Владата, пак, преку соопштение информираа дека работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии, на кои фокусот е продолжувањето на европскиот пат и носењето одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и државата, ќе продолжат и понатаму. Ковачевски и Таравари, како што соопштија, разговарале за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата.

-Разговарани беа придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со Соединетите Американски Држави. Во фокус на разговорите помеѓу премиерот Ковачевски и Таравари беа и неприкосновената борба против корупција во контекст на реформските процеси кои се случуваат во државата, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ, се посочува во соопштението од средбата.