Ковачевски вели дека дојавите за бомби во училиштата се дел од стратегијата за хибридни напади

Дојавите за поставени бомби во училиштата се дел од стратегијата за хибридни напади, смета премиерот Димитар Ковачевски.

– При таквите дојави МВР мора да интервенира бидејќи се работи за училишта. Не случајно таргет им се училиштата бидејќи луѓето се најосетливи кога станува збор за училиштата каде учат деца. Секторот за електронски криминал ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие лажни дојави. Се надевам дека оние кои го прават ова, ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир, а не во страв и неизвесност, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.

Тој потсети дека во изминатиот период неколку државни институции беа цел на хакерски напади и дека и регионот не е изоставен од ваквите хибридни напади.

Изминатиот период имаше дојави за поставени бомби во училишта во Скопје кои по извршените проверки беше утврдено дека се лажни. Денеска до Секторот за внатрешни работи има нови пријави за експлозивни направи во четири скопски училишта. Како што информираа од МВР, училиштата се безбедно евакуирани и во тек се антитерористички проверки.