Ковачевски затруен со храна, а ниту јадел, ни се движел надвор од протоколите

Портпаролот на Владата Душко Арсовски, денеска на прес конференција не одговори конкретко како се случило премиерот Димитар Ковачевски да се затруе со храна и да заврши на Инфективната клиника, и покрај задолжителните безбедносни протоколи што треба да се испочитуваат, па и кога станува збор за храна.

На неофицијалните информации дека Ковачевски се затрул со храна на Eкономскиот форум во Грција, Арсовски одговри дека премиерот ниту јадел, ниту се движел надвор од протоколите во овој период.

„Како и на сите настани каде што присуствуваат функционери се преземаат мерки за проверки на исправноста и безбедноста на храната и пијалоците кои што ги консумираат лицата. Премиерот ниту јадел ниту се движел надвор од протоколите во овој период“, вели владиниот портпарол.

Тој посочи дека и шефот на кабинетот на премиерот се затрул со храна и имал полесни симптоми, но не од форумот во Грција. И за овој случај не прецизираше точно каде се случило тоа.

– Сите околности за овој случај се испитуваат, а јавноста во целост ќе биде известена во текот на наредните денови. Во однос на безбедноста на пијалоците и на храната, согласно законот тие постојано се испитуваат – додаде Арсовски.

Според потврдените информации, Ковачевски во саботата се вратил од Грција, од Делфи економскиот форум, а веќе во неделата бил задржан на Инфективната клиника со симптоми на труење. Делегацијата во Скопје пристигнала доцна вечерта околу полноќ во саботата, а премиерот симптомите ги почувствувал наредниот ден.