Ковачки: Ако по утрото се познава денот, а по првиот ден се познава цела година, тогаш нешто не е во ред, итно треба да се менува

Драган Ковачки преку статус на Фејсбук побара итно менување на власта предводена од СДСМ.

-Ако по утрото се познава денот, а по првиот ден се познава цела година, тогаш нешто не е во ред и итно треба да се менува.

Имено, долго најавуваните економски години на Заев, а сега и на Ковачевски се само празни флоскули, па поради неспособноста и криминалот на СДСМ и ДУИ, од утрово македонските граѓани ќе плаќаат повисоки сметки за електрична енергија. Скопјани ќе плаќаат и поскапо парно.

И додека октроираниот претседател на СДСМ и на ДУИ ни честитаа нова година со видео пораки во кои свесно го изоставиле симболот на државата – македонското знаме, денеска, на бедата и’ се придружија и Пендаровски и Шекеринска кои заборавија на уште една воспоставена традиција.

Пендаровски заборави дека секоја година, ако не на полноќ како што тоа го направи градоначалничката на Скопје, тогаш утрото на 1 јануари требаше да изврши посета на оние момци и девојки што носат униформа и кои додека другите се забавуваат во преполните кафеани, тие, на минусни температури ги извршуваат своите должности.

Обично, на тие што се на должност на 31.12 им се носи и мал подарок. Така, по традиција, правеле претходниците на Пендаровски. Но, очигледно е дека за сегашниов Претседател, функцијата е повеќе привилегија, а помалку обврска и истиот не би сакал токму на нова година да јаде војничко гравче за коешто и така нема намирници за подготовка.

Пендаровски, кој само декларативно повикува на единство, е познат по тоа што не почитува традиции и истото го направи и за 2 август кога одби да се обрати од славниот Мечкин Камен. Зарем да очекуваме нешто повеќе од тој што ќе се селеше од државата доколку не би бил претседател, а сопствениот народ го нарече стока?

Лично мене, не ме изненадува тоа што немало кој да му укаже и да го потсети дека на 1 јануари треба да оди во посета на воена единица и дека со мали дела се покажува почит кон тие што служат.

Шекеринска одамна е посветена на личната кариера и ПиАр, а грижата за војниците и’ е познат поим само во услови на предизборие или распишани избори. Ова последново секако не се однесува за партиските послушници и додека цела Влада е во оставка, на истите, сакајќи да ја прикрие својата и нивната неспособност и неодговорност, им потпишува решенија.

Сепак, колку и да е тежок и срамен почетокот на годината, народот треба да знае дека има светло на крајот од тунелот.

Македонија има сила да се избори со истите што ја опљачкаа и понижија.

#Промени, стои во неговиот пост на Фејсбук.