Ковачки прочита психијатриски наод за Петровска – Ѝ се тресат рацете, не може да задржи мисла

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, од собраниската говорница му предочи на премиерот Димитар Ковачевски, дека треба да ја разреши министерката за одбрана Славјанка Петровка, бидејќи подолго време била на седативи и не е способна да извршува јавна функција.

„Ѝ се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, оптоварен мисловен процес, збунета е и конфузна, има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала. Препорачана тромесечна терапија од седативи“. Ова, според Ковачки, е дел од психијатриското вештачење извршено од специјалист психијатар на министерката Петровска на 16 февруари.

„Според законот за доверливи информации, односно уредбата член 4 точка 13, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице што страда од ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето дури и ненамерно потенцијален безбедносен ризик, што се утврдува врз основа на медицинската документација“, рече Ковачки и уште еднаш потсети на неопходноста од итно разрешување на Петровска.

Министерката не ги негираше овие психијатриски наоди, но рече дека е психички здрава и стабилна да одговори на сите прашања и лаги кои пратеникот Ковачки упорно ги изнесува. Таа рече дека таквата состојба ѝ ја предизвикал токму Ковачки со неговите постојани лаги за што веќе покренала и судска постапка.

„Тоа што го читавте е извадок од вештачењето и се однесува на моето однесување за вашата бескрупулозна лага што ја изнесовте пред неколку месеци. Причината за вашиот бес и немоќ да се справите со тужбата е тоа што всушност ве натера да излезете на говорница и да го читате тоа. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, ќе се видиме наскоро на суд“, рече министерката Петровска. За барањето за нејзино разрешување таа ги покани опозициските пратеници да поднесат интерпелација.

„А за последната лага која Ковачки ја изнесе дека припадници на военото разузнавање на АРМ биле уапсени на Косово, еве документ, официјален допис од косовските власти во кој тие тврдат дека таков настан со македонски припадници на военото разузнавање воопшто немало“, рече Петровска.