Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е должен да ѝ одговори на македонската јавност зошто на 4-ти декември за време на неговата прес-конференција излажа дека возилото на убиениот велешанец Панче Жежовски со кое подоцна е киднапирана 14-годишната Вања Ѓорчевска во Скопје, не било регистрирано во системот на камери „Безбеден Град“ пред 27-ми ноември, односно пред денот на убиството, истакна на денешната прес-конефернција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Пратеникот посочи дека неколку дена го прашуваат министерот Спасовски, а истиот одбива да одговори за, како што рече, очигледниот и фатален пропуст на Министерстовото за внатрешни работи чија последица е киднапирањето и убиството на девојчето Вања.
„Јавно го прашуваме министерот Спасовски дали возилото е регистрирано на камерите пред 27-ми ноември, односно на 24-ми ноември во 6,30 на влезот во Скопје кај населбата Маџари на мостот кај „Агросервис“? Понатаму, дали возилото е забележано од камерите на системот ‘Безбеден Град’ на истата локација и следниот ден, на 25-ти ноември во 21,15 часот? Конечно, дали возилото е забележано на камерите кобниот ден на 27-ми ноември во 7,42 наутро кај хотелот ‘Александар Палас’ и селото Злокуќани, и како е можно да тоа возило неконтролирано да помине низ најобезбедуваната локација во Македонија во тој момент, а можеби и во регионот поради непосредните подготовки на Советот на ОБСЕ“, истакна Ковачки.
Опозицискиот пратеник посочи дека министерот Спасовски е должен да одговори како е можно возило коешто е веќе пет дена пријавено дека е исчезнато пред киднапирањето на девојчето, а за што тој тврдеше дека не знаеле, да мине покрај 40 камери на „Безбеден Град“ , Министерството за одбрана и на други важни објекти субјекти?!