Крајно десничарската Партија на слободата на Австрија (FPO), која ја критикува Европската унија за наметнување над националните законодавства и интереси на земјите членки, е потврдена како победник на изборите за Европскиот парламент во земјата со освоени 25,4 отсто од гласовите.
Конзервативната Народна партија (OVP), партијата на австрискиот канцелар Карл Нехамер, е на второ место со 24,5 отсто, според конечните резултати, кои беа објавени по пребројувањето на сите гласови стасени по пошта во понеделникот.
Социјалдемократската партија (SPО) добила 23,2 отсто од гласовите.
Зелените, кои управуваат со Австрија заедно со OVP, освоија околу 11,1 отсто на изнорите во неделата, додека либералната NEOS освои 10,1 отсто.
Во неделата FPО првпат освои најмногу гласови на австриските избори. Овие избори се сметаа за тест за австриските парламентарни избори наесен. FPO освои три дополнителни мандата и ќе испрати шест претставници во новиот состав на Европскиот парламент.
Пратеничката група на OVP, пак, загуби два мандата и во иднина ќе ја претставуваат само пет претставници, а исто толку ќе има и SPO. Зелените и NEOS обезбедија по два мандатa.
Право на глас на изборите за Европскиот парламент во Австрија имаа вкупно 6,37 милиони луѓе, а излезноста беше 56,3 отсто.