Британската кралица Елизабета Втора во понеделник, 13-ти јануари, свикала советување на кралското семејство, посветено на објавената намера на воводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и неговата сопруга американската актерка Меган Маркл, да се повлечат од кралските должности и да станат финансиски независни од дворецот, пренесе телевизијата Sky News.
Според информацијата, оваа семејна средба ќе биде првата на којашто ќе учествува и принцот Хари од почетокот на сериозната криза којашто се разгоре во кралското семејство поради неговата одлука. Покрај него, на семејниот имот во Сандрингам во грофовијата Норфлок, во понеделник ќе бидат и неговата баба, таткото и братот, односно кралицата Елизабета, наследникот на престолот принцот од Велс – Чарлс, и војводата од Кембриџ, принцот Вилијам.
На 8-ми јануари принцот Хари и Меган Маркл на својот профил на Instagram објавија дека имаа намера да преземат чекор досега без преседан во британското кралско семејство, откажувајќи се од статусот високи членови на кралското семејство и финансиско осамостојување. Според изјавата на двојката, тие имаат намера да живеат и во Велика Британија и во Северна Америка минувајќи приближно исто време од двете страни на Атлантикот, додека ги исполнуваат своите должности „кон кралицата, Комонвелтот и организациите под патронат“.
Во практиката тоа значи откажување од значителен дел од церемонијалните должности и привилегии на војводата и војвотката од Сасекс, кои сепак може да ги задржат своите сегашни титули. Прашањето за тоа каков ќе биде нивниот нов статус, со што ќе им биде овозможено да се занимаваат за да заработуваат, и како ќе биде организирано нивното обезбедување, допрва треба да се решава и токму поради тоа е свикан состанокот во понеделник. Последниот збор го има кралицата Елизабета Втора.
Весникот The Sunday Times во неделата го цитираше принцот Вилијам во врска со сложената ситуација во кралското семејство. Според весникот тој бил многу вознемирен од она што се случува.
„Секогаш можев да го прегрнам својот брат, но повеќе не можам тоа да сторам, ни сме два одвоени субјекта. Ова ме натажува. Сѐ што ние можеме да го направиме, сѐ што јас можам да го направам е да ги поддржам (братот и неговата сопруга) и се надевам дека ќе дојде времето кога нашите мислења ќе се совпаднат. Сакам сите да играме како еден тим“, ги цитира весникот постариот брат на приинцот Хари, кажани во разговор со неименуван близок приајтел.