Меѓу СДСМ и Коалицијата „Можеме” и Демократската унија за интеграција, постигнат е коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на нова Влада со полн мандат, која во следните четири години ќе работи посветено во интерес на граѓаните и државата, рече по денешната лидерска средба претседателот на СДСМ Зоран Заев, додавајќи дека овој договор којшто го постигнале како претседатели на двете партии, ќе биде презентиран и доставен на одобрување пред највисоките органи на СДСМ и ДУИ, односно Централниот одбор на СДСМ и Централниот совет на ДУИ, во текот на денешниот и утрешниот ден, а СДСМ тоа ќе го направи и пред своите коалициони партнери од Коалицијата „Можеме“ и пред ДПА како иден владин партнер.
Јас сум особено горд, посочи Заев, што овој договор го постигнуваме на самиот почеток на истекот на 20-те уставно гарантирани денови кои јас ги имам на располагање како мандатар. Брзиот напредок во преговорите и брзиот суштински договор ни беа особено важни заради потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата, а со цел справување со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19.
Тој претстави дел од принципите на кои се темели новиот коалициски договор за Влада која ќе ја предводи тој како нејзин премиер во полн мандат:
· Квалитетни, одговорни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи од овој коалициски договор
· Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите, како и од силната волја за рамноправно учество на мажите и жените во извршната власт
· Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места
· Врвна определба на коалициските партнери е да се јакне економскиот стандард на сите граѓани, платите да продолжат да растат, да се вложува во нови работни места, во јасни перспективи за младите и во рамномерниот регионален развој, да се води посебна грижа за најсиромашните граѓани и да се дава постојана поддршка на домашниот приватен сектор и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции.
· Согласни сме на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат
· Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид и најдобрите европски практики
· Постои согласност да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите
· Постои коалициска согласност заштитата на животната средина, воздухот, почвите и водите да биде еден од врвните приоритети во владината програма и истата да се реализира преку мобилизација на сите државни институции, сите државни службеници, сите студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници
· Се согласивме на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите
· Заеднички сметаме дека борбата со коронавирусот треба да остане врвен приоритет на јавното здравство преку темелен и транспарентен пристап на проценка и управување на здравствените капацитети и заштита на граѓаните
· Согласни сме приоритетно да ги спроведуваме сите реформи во однос на нашето членство во Европската Унија
· Ќе се укине Пржинска влада преку измени во Законот за Влада
· Ќе се работи на промена и унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори
· Ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги
· Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор, коишто парламентот во претходниот состав веќе ги донесе.
· Во Собранието, законите ќе се поднесуваат заеднички после претходна координација и усогласување, при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање закони во Собранието, со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на Парламентот и пратениците
Заев додаде дека овие принципи ќе ги преточат во заедничка владина програма која во целост ќе го следи патот кој го исцртале со членството во НАТО, а тоа е “патот определен низ Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста“
Тој му се заблагодари на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, за, како што кажа, „големината, трпението и мудроста кои ги вложи во овој коалициски договор, со единствена цел – подобра иднина за сите наши граѓани, за целиот наш народ, континуитетот на успешните политики и успеси на државата, а секако, остануваме на ставот дека секој граѓанин, Македонец, Албанец или припадник на било која од помалку бројните етнички заедници, може да ја извршува која било функција во државата, вклучително и функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија“.