Кредитната активност ги надмина очекувањата

Кредитната активност, во февруари, забележа поголема динамика во однос на претходните очекувања, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Македонија.

Според првичните податоци за кредитните текови, во февруари продолжи месечниот раст на кредитите, а кредитите беа насочени кон двата сектора, претпријатијата и населението. Остварената динамика на кредитната активност е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција.

Сепак, и понатаму постојат надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, коишто се поврзуваат со согледувањата на банките за профилот на ризик на побарувачката, конзервативните стратегии на големите банкарски групации коишто со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар и натамошното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио. Февруарските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува, но засилено, на месечна основа. Растот е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со најголем придонес на секторот „население“ (придонес од 80 отсто во месечната промена).

Во текот на февруари, движењата на меѓународните финансиски пазари беа под влијание на позитивните макроекономски показатели за остварената економска активност во евро-зоната во последниот квартал од 2013 година, како и на очекувањата за натамошен раст во 2014 година. Во САД, економските показатели од почетокот на годината посочуваат на одредено влијание на неповолните временски услови, но се’ уште се очекува натамошно засилување на економската активност. На почетокот на март, геополитичките тензии во однос на состојбите во Украина создаваат неизвесност на финансиските пазари, што придонесува за раст на цените на финансиските инструменти со висок степен на сигурност.

Високофреквентните показатели за последното тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал. Овие оцени, во голема мера, се засноваат врз постојаните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се’ кај градежниот и индустрискиот сектор. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Новите податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината и понатаму упатуваат на пониски инфлациски притисоци. Трошоците на живот во февруари се намалија за 0,1 отсто на месечна основа, што доведе до дополнително забавување на годишната стапка на инфлација (0,6 отсто на годишна основа). Овие остварувања ги потврдија претходните оценки за претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, проектирана на 2,3 отсто.

На домашните финансиски пазари, ликвидноста на банките во февруари и натаму е на стабилно ниво. Во услови на креирање ликвидни средства под влијание на автономните фактори, банките имаа зголемен интерес за пласирање на ликвидносните вишоци во краткорочни депозити кај Народната банка. Во такви околности, прометот на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше релативно понизок од вообичаено, но со претежно учество на меѓубанкарските трансакции со подолга рочност од 1 ден.

На девизниот пазар беа забележани вообичаени сезонски движења, при што девизните позиции на банките се’ уште се на релативно стабилно ниво. Податоците за девизните резерви за февруари 2014 укажуваат на нивно сезонско намалување, што беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Од аспект на ризиците, се’ уште има ризици поврзани со надворешното окружување, коишто се дополнително зајакнати во овој период, заради случувањата во Украина. Имено, овие случувања создаваат ризици за нестабилност на светските цени на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност и на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 отсто.одната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.