Кремљ добил десетици барања од западни медиуми за интервју со Путин

Последните денови Кремљ доби неколку десетици барања за интервју со Владимир Путин од најголемите светски медиуми, изјави во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, неколку часа по емитувањето на интервјуто на американскот новинар Такер Карлсон со рускиот претседател

„Денеска една од главните вести е интервјуто на претседателот со американски новинар. Објавено е. Патем, веројатно добивме неколку десетици барања за интервју со претседателот Путин од странски медиуми во последните три-четири дена. Тоа вклучува и медиуми од САД и Франција, Италија, Австрија, Австралија. Од многу земји во светот од најголемите медиуми“, рече претставникот на Кремљ.

Песков на редовниот дневен брифинг за новинарите во Кремљ изрази благодарност до странските медиуми за нивниот интерес за рускиот претседател. Појасни дека од очигледни причини сега е невозможно да се направи уште едно интервју, но Кремљ ќе ги има предвид сите барања.

Нема никаква реакција по дипломатски канали на разговорот меѓу Путин и Карлсон, додаде портпаролот на Кремљ. Притоа, појасни дека интервјуто ниту подразбирало таква реакција.

Зборувајќи за подготовката на разговорот, Песков рече дека Карлсон не ги координирал своите прашања однапред со Кремљ. Истакна дека администрацијата на рускиот претсдател никогаш однапред не ги бара прашањата.

Американски новинар синоќа на неговата веб-страница и на различни платформи објави двочасовно интервју со рускиот челник. За околу девет часа, бројот на прегледи на видео на социјалната мрежа Х надмина 70 милиони, а на YouTube – 3,1 милиони. Интервјуто го објави и сајтот на Кремљ.