Кремљ смета дека Бајден ги поткопува мировните планови на Трамп за Украина

Москва ја обвини администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден дека ги поткопува плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.

„За време на предизборната кампања, Трамп зборуваше дека сака да постигне мир на некој начин и води сè кон мирно решение“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската телевизија.

„И сега прават сѐ што можат за да ја ескалираат ситуацијата на таков начин што мировните договори се осудени на неуспех“, рече Песков во политичката емисија „Москва. Кремљ. Путин“.

Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека ќе дејствува брзо за да стави крај на повеќе од 1.000-дневната војна меѓу Русија и Украина. Сепак, тој сè уште не кажал никакви конкретни планови.

Пред коментарите на Песков, Бајден ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел ATACMS против воени цели во Русија, во што беше следен од сојузниците во НАТО, Франција и Велика Британија, што според Москва е одамна договорена акција и се чекал само исходот од американските претседателски извори на 5-ти ноември.

Песков рече и дека администрацијата на Бајден покажала дека „ќе направат сѐ за да не заврши оваа војна“ и дека сакаат да го ограничат Трамп и да му се одмаздат за изборниот пораз.