Кремљ: Во моментов не се дискутира за општа мобилизација на руската војска

Во моментов не се водат никакви дискусии, ниту се размислува за општа мобилизација за да се заврши војната во Украина, и покрај сѐ поголемиот притисок во руската јавност по тврдењата од Западот и Киев дека украинските сили напредуваат во противофанзивата, изјави во вторникот за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Во овој момент не, нема дискусии за тоа“, одговори Песков на редовниот дневен брифинг со новинарите одговарајќи втор ден со ред дали Русија ќе ги мобилизира своите резерви, иако во моментов само два воени руски окрузи се вклучени во операциите во Украина.

Додаде дека има информации дека во местата од кои се повлекле руските единици, населението кое останало таму се стрела, претепува и измачува од страна на украинските паравојски и странски платеници.

Михаил Шеремет, пратеник во руската Дума од владејачката партија Единствена Русија која во неделата оствари надмоќна победа на локалните избори, рече во понеделникот дека за „победа е неопходна целосна мобилизација“.

„Најмногу од сѐ, потребна ни е максимална мобилизација на нашите сили и ресурси за да се добие војната против САД, ЕУ и НАТ“, изјави лидерот на Комунистичката партија Генадиј Зјуганов за веб-страницата на партијата.

Путин досега не прогласи мобилизација на руските едници, ниту на резервистите, а исто така на оние кои сакаат доброволно да се борат на украинското боиште засега не им се одобрува земање наплатено отсуство од работа. На Запад сметаат дека доколку го стори тоа би признал дека „води целосна војна и дека на Русија лошо ѝ оди“.

Воените коментатори кои го поддржуваат рускиот воен ангажман во Украина, жестоко реагираа кога минатата седмица руското Министерство за одбрана објави дека ги напушта позициите во Харковската област поради прегрупирање и да ги заштити малите единици кои може да бидат опколени.

Од почетокот на руската инвазија, многумина во Москва инсистираа на широка мобилизација на руските сили и сеопфатен напад со сите капацитети. Игор Гиркин, поранешен офицер на безбедносните служби за кој се вели дека ги водел сепаратистичките акции во 2014 година, на почетокот од септември објави на социјалните мрежи дека мобилизацијата е последната шанса Русија што поскоро да оствари победа во Украина.

Песков во продолжение изјави дека претседателот Владимир Путин има поддршка кај Русија, како и дека критиките се израз на плурализмот.

„Русите го поддржуваат претседателот, а тоа ги потврдува и расположението на народот… Народот е консолидиран околу одлуките на шефот на државата. Кога станува збор за поинаквите ставови, критичките ставови, сѐ додека се во рамките на законот, тоа е плурализам, но линијата е многу многу тесна, тука треба да се биде многу претпазлив.

Од крајот на февруари Русија донесе закон со кој оние кои ќе ја наречат операцијата во Украина како агресија или инвазија, како и оние кои ќе ја дискредитираат руската војска и ќе шират лажни вести, може да бидат казнети и со затворски казни.

Москва војната во Украина ја нарекува „специјална воена операција“, согласно со што и ангажира ограничен број единици на боиштето, која е „превентивна и изнудена“ и насочена на заштита на проруското и рускојазично населени по најавата за воен напад на регионите во кои се доминанти и прогласија независност по превратот во Киев во 2014 година.