Кремљ зборува за значителен напредок во демилитаризацијата на Украина

Руските сили постигнале значителен напредок во однос на демилитаризацијата на Украина, односно уништувањето на нејзините воени способности, тврдеше во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, што е една од целите кои рускиот претседател Владимир Путин ја истакна на почетокот на воената кампања во соседната земја на крајот од февруари годинава.

Песков на редовниот дневен брифинг со новинарите акредитирани во Крмљ зборуваше за руското воено напредување, откако претседателот Путин во четвртокот рече дека во моментов украинските одбранбени потенцијали се блиску до нулата.

„Може да се констатира дека има значителен напредок во однос на демилитаризацијата“, одговорил Песков на прашањето дали една од целите на руската воена интервенција во Украина може да се смета за исполнета, во прв ред за намалувањето на воениот потенцијал на Украина потсетувајќи ја изјавата на Путин.

„Одбранбениот потенцијал на Украина, нејзиниот воено-индустриски комплекс е сериозно оштетен со руските ракетни напади, додал портпаролот на Кремљ.

Меѓутоа, Западот на Украина сѐ уште ѝ доставува оружје во вредност од десетици милијарди долари, а американскиот претседател Џо Бајден, претходно седмицава го вети скапиот противвоздушен ракетен систем „Patriot“ и продолжување на поддршката.

Според аналитичарите, батеријата од споменатиот ракетен систем ќе ѝ биде испорачан на Украина најрано во февруари, но останува нејасно дали украинските војници се веќе обучени за ракување со него, откако претседателот Бајден го опиша како еден од најсофистицираните такви вооружувања во светот.

Неговиот руски колега по должност Путин, пак, ја минимизираше важноста на системот „Patriot“ кој во вооружувањето на американската војска е од 1980-те години со неколку модификации, велејќи дека е „доста застарен“ и дека руските сили ќе се прилагодат.

Песков во петокот рече и дека Русија не е запознаена со никакви украински мировни планови. Весникот The Wall Street Journal објави по посетата на украинскиот претседател Володомир Зеленски на Вашингтон оваа седмица, Киев подготвува објавување предлог за мировен план за февруари.

Песков додаде дека Зеленски досега ја „игнорираше реалноста“, алудирајќи на присоединување на четирите југоисточни украински региони со мнозинско руско и рускојазично население на Русија, што Киев и Западот го сметаат за нелегално руско анектирање на украинска територија.