Кривични пријави за стечајниот управник и за стечјаната судијка на „Фени“

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена должност против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска поради нетранспарентност и други многубројни забележани неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка на „Фени индустри“ и укажуваат на оправдан сомнеж за коруптивно однесување, тврди Слаѓана Тасева, пренесува  „Макфакс“.

Стечајниот управник Мирослав Анастасиевски на 3.1.2018 година објавил оглас за прибирање писмени понуди за склучување договор за преработка на никелова руда, оглас што содржи недоволно одредени услови врз основа на кои би можела да се изврши селекција на понудите и избирање на најповолната, но содржи услови со кои за одредено правно лице понудувач се создава состојба на предодреденост и му се дава неоправдана предност –вели Тасева.

Според  неа врз основа на селективно профилираниот оглас, одреден е понудувач со кој подоцна склучил ветен договор како застапник на „Фени“. Стечајниот судија Валентина Ѓорѓиевска, иако во согласност со Законот за стечајот имала обврска да врши надзор над работата, а стечајниот управник постапил спротивно на своите надлежности, односно пропуштил да ги врши, и со тоа двајцата, без притоа да водат сметка за законските обврски при утврдување на идентитетот на втората договорна страна, ѝ овозможиле на фирмата ГСОЛ, регистрирана на Бахамите, да стекне нерамноправен договор кој ѝ овозможува значителна имотна корист, а е штетен за стечајниот должник и ги доведува во неповолна положба стечајните доверители.

За работата на стечајната судијка, Тасева вели дека поднела претставка до Судскиот совет на Република Македонија со барање да се испита нејзиното работење. Во исто време „Транспаренси интернешнл“, заедно со доверителите, бара разрешување на стечајниот управник поради неажурно внесување податоци во системот на е-стечај и поништување на договорот со ГСОЛ.

Изјавите дека се исплатени доверителите, во Централниот регистар состојбата на „Фени“ е иста како и пред еден месец. Како аргумент за нетранспарентаната постапка таа го наведува и податокот дека иако се изминати роковите за доставување на плановите за реорганизација на фабриката, кои напоредно со стечајната постапка требаше да ги подготват, и тоа еден банките и уште еден стечајниот управник, планови за реорганизација нема, објаснува Тасева.

Стечајниот управник не одговори на  обвинувањата, како и стечајната судијка.

Од ГСОЛ, пак, новите сопственици на „Фени“, велат дека не биле привилегирани и дека исти услови важеле за сите заинтересирани за купување на фабриката.

Тасева објасни дека почнале да ја следат стечајната постапка за „Фени“ кога добиле претставки од засегнати страни, меѓу кои и „Кунико рисорсис“, поранешниот сопственик на „Фени“.

Вработените во фабриката посочија дека токму „Кунико рисорсис“ како сопственик на „Фени“ направил долг од над 60 милиони евра поради кој фабриката лани во септември престана со производство. Против тогашниот генерален директор Јусуф Миракхмедов, Управата за финансиска полиција поднесе две кривични пријави, едната за незаконски отпис на незастарени побарувања на „Фени“ и за незаконско отуѓување фероникел и друга руда од фабриката врз кои банките имале заложно право. Кривична пријава против него поднесе и малцинскиот акционер БСГР во групацијата „Кунико рисорсис“. Миракхмедов, пак, ја напушти Македонија лани во ноември, вели Тасева.

Правните застапници на „Кунико рисорсис“, два дена по рестартирањето на производството во фабриката во март годинава, соопштија дека ќе ја тужат Македонија на арбитражниот суд во Вашингтон оти продажбата на комбинатот била незаконска.

Според информациите вработените во „Фени“ велат дека токму овој судски спор е главната причина за обвинувањата што денес ги изнесе „Транспаренси“. Тие сметаат дека претставките до „Транспаренси“ се обид на „Кунико“ да ја зајакне изгубената позиција пред да почне судската постапка и прашуваат каде била „Транспаренси интернешнл“ кога „Кунико“ направил долг од над 60 милиони евра во фабриката.