Кривопаланчанката Ана Стојановска државен средношколски пинг-понг првак

Успешната и докажана пингпонгарска репрезентативка од Крива Паланка, Ана Стојановска, ја потврди својата доминација во овој спорт и на училишниот државен натпревар за средни училишта, каде се закити со шампионската титула во поединечна конкуренција.

Учениците од средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, Антонио Крстевски, Ана Стојановска, Деспина Ристовска и Давид Георгиевски учествуваа на Државно првенство за средни училишта во пинг-понг што се одржа во Битола под менторство на професорите Жаклина Јовановска и Мартин Стаменковски.

„Покрај зебележителниот резултат на овие наши ученици на кои сме горди, како и влезот на Антонио Крстевски во 8-те најдобри, посебна гордост е нашата Ана Стојановска која беше најдобра во својата конкуренција и го освои првото место со што донесе уште една нова златна титула во училишните спортски архиви“, изјави Мартин Стаменковски, професор по физичка култура во СОУ „Ѓ.Петров”.

Одговорните од гимназијата се особено горди на својата ученичка, која е трикратен освојувач на златен медал во оваа категорија, закитувајќи се со титулата во сите досегашни учества, со исклучок на минатогодишното неодржано првенство поради пандемијата.