Кризата со Ковид 19 – генерална проба за „светската Влада“

страшо ангеловски

Нуклеарната „печурка“, после првата проба на атомска бомба во пустините на Невада во 1945 година, сериозните аналитичари ја сметаат за генерална проба за неколкудеценискиот период што следува, познат како нуклеарна студена војна. Студена војна во која најтесниот круг сопственици на светскиот капитал бараше начин како „нивната“ страна да загосподари со светот и да создаде еден вид „светска Влада“ која ќе ги потчини државите и човештвото. Студена војна која се водеше, пред се’, меѓу двете нуклеарни супер сили – од едната страна САД со својата желба за светска доминација и од другата тогашниот СССР, кој се спротивстави токму на налудничавата желба за нивна целосна доминација. Студена војна меѓу двете светски супер сили бидејќи создавањето на нуклеарното оружје беше и се’ уште е исклучително скап процес, кој себе си можат да си го дозволат исклучително моќни или, исклучително посветени на вооружувањето, држави.

Главното орудие преку кое се одвиваше студената војна беа воените сојузи што и САД и СССР ги имаа создадено токму за таа цел – НАТО и Варшавскиот пакт, а основното оружје беше чувството на страв. Стравот од нуклеарната моќ на непријателот, го одобруваше, дури и го поттикнуваше сопственото се’ позасилено нуклеарно вооружување. Реалниот страв од нуклеарна апокалипса кај обичните луѓе, посебно поттикнуван меѓу американските граѓани, со невидената медиумска (радио, телевизија и весници) и холивудска (филмови во кои Русите ја напаѓаат Америка) пропаганда што, според Фројд, создава страв од реална опасност во надворешниот свет, им овозможуваше на САД да работат на создавање на еднополарен свет, со „светска Влада“ која тие ќе ја формираат.

После макотрпни преговори и договори за контрола во нуклеарното вооружување, за среќа на човештвото, нуклеарната студена војна заврши. За жал, не заврши желбата на најтесниот круг сопственици на речиси целокупниот светски капитал, да владеат со светот и со човештвото и да ја формираат „светската Влада“.

Па така, според многумина, пандемијата со Ковид 19, во моментов е она што беше нуклеарната печурка во 1945-та – генерална проба за новата студена војна, овојпат со биолошко оружје. Студена војна, која повторно ќе ја водат светските суперсили, во случајов САД и Кина, но, заради поевтиниот процес на создавање на биолошкото оружје и поголемата достапност на потребните „суровини“ (наспроти скапата нуклеарна програма и тешко достапниот ураниум), во која може да се вклучат и други држави, но и големи светски корпорации и пребогати поединци. Со тоа, оваа студена војна во најава, веќе во самиот почеток создава ужасна перспектива и двојно поголем страв.

Овојпат главното орудие во новата студена војна, за жал, е Светската здравствена организација (СЗО), а главното и единствено оружје повторно е чувството на страв. Оружје со чија употреба дури се изврши и генерална проба во функционирањето на „светската Влада“. Имено, најтесниот круг на сопственици на светскиот капитал, во изминативе неколку месеци веќе функционираше како светска Влада, чие орудие беше токму СЗО, а чие исклучително ефикасно оружје повторно беше чувството на страв. Стравот, како чувство преку кое се владее од појавата на првата форма на организираност – племето, до денес. Стравот, со кој се одржува хиерархијата и се владее со подредените во секоја организација – армија, училиште, компанија, држава, семејство. Страв од одземање на чинот, страв од исклучување од наставниот процес, страв од губење на работното место, страв од затворска или друга казна, страв од ќотек или друга воспитна мерка.

Овојпат, беше искористен стравот за здравјето и за сопствениот живот, па луѓето беа поделени на две групи – оние повозрасните, над 65 години, кај кои ионака е далеку поприсутен стравот за сопственото здравје и, најмладите, кои, реално, го немаат тој страв, па им се всадуваше страв за нивните најблиски возрасни – родители, баби, дедовци, а тие самите со полициски мерки беа затворани дома.

Па така, бевме сведоци на исклучително добро функционирање на генералната проба на „светската Влада“, која преку СЗО како орудие и стравот како оружје, успеа припадниците на различни држави, различни нации, различни религии, различни култури, различно ниво на технолошки, економски и културен развој, да ги натера на еднаква реакција и на целосно почитување на хиерархиски наддржавно воспоставениот авторитет. Дури, и речиси сите Влади во светот се подведоа под тој „врховен“ наддржавен авторитет, а внатре, во сопствените држави добија можност за непречено авторитарно владеење.

Нешто што не се случило во историјата на човештвото, но кое нешто, на креаторите на наддржавната власт им го покажа патот за успех преку генералната проба со Ковид 19.

До овде, бевме во зоната на аргументите. Сега, да влеземе малку во зоната на шпекулациите, кои, за жал, стануваат се’ погласни и стасуваат од се’ повеќе страни.

Поврзувајќи го ова во една целина, се’ погласни стануваат речиси неверојатните шпекулации дека државните здравствени системи плаќаат за секој случај на починат пациент кој ќе биде заведен како жртва на Ковид 19, бидејќи со секој таков случај се зголемува чувството на страв и се зајакнува авторитетот на „светската Влада“ преку мерките на СЗО.

Ќе биде страшно доколку еден ден навистина се докаже дека токму СЗО им исплаќало на државните здравствени системи, како што се шпекулира, по 20.000 долари за секој починат поединец кој ќе се заведе како жртва на пандемијата. Овие, пак, им ги исплаќале средствата на семејствата на починатите кои ќе се согласат да ги заведат своите блиски како жртви на Ковид 19.

Ќе биде уште пострашно доколку се докаже дека и во Република Македонија, според шпекулациите, на семејствата на починатите кои прифатиле нивните најблиски да бидат заведени како жртви на пандемијата, им биле исплаќани суми од две до пет илјади евра. Со тоа, не само што се работело да се зајакне чувството на страв, туку и дел од средствата некаде исчезнувале.

Лично, не сакам да верувам во ваква монструозна конструкција и, се додека не се докаже, доколку воопшто се докаже, ќе остане заведено во графата „теорија на заговор“.

Сепак, за крај, сите оние кои текстов ќе ги наведе на размислување, треба да знаат две работи:

  1. Терминот „теорија на заговор“ за прв пат го употребува ЦИА после убиството на Џон Кенеди, со што сите обиди да се докаже поинаква организираност на неговото убиство, требаше да се омаловажат и да се прикажат како смешни и несериозни. Оттогаш наваму, секое тврдење за било што, што не се согласува со официјалната верзија сервирана од „авторитетите“, се сместува во, од глобалистичките медиуми најизвикуваната „теорија на заговор“.
  2. Крајна вредност на секоја криза, предизвикана од војна, природна катастрофа, крах на економијата, или, како во случајов предизвикана од пандемија на вирус, е долгот кој ќе остане по неа. А, оној кој ќе го контролира долгот, тој ќе контролира се’.

Во секој случај, вреди да се размисли, да се следи текот на парите и контролата на долгот.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес