Здравствените власти на денешниот состанок на Централниот кризен штаб разговараа за можните ризици од сојот на корона вирусот кој првпат се откри во Велика Британија, а беше забележан и во Србија. Но, освен консултации, не се дадени никакви нови препораки од Комисијата за заразни болести. Освен вообичаените здравствени протоколи во моментов, нашата земја нема дополнителни мерки во однос на Велика Британија и Србија.
„Нема некоја посебна препорака за посебни мерки или препораки за новиот случај на ковид 19 со генетска мутација. Единствена разлика во однос на сегашниот вирус е дека ширењето е поизразено, инаку е иста ситуација само што пренесувањето е поизразено“, рече Шабан Мехмети, директор на ИЈЗ.
Од Министерството за здравство велат дека податоци за мутации на вируси имаат од пред две недели и дека кај нас нема сој на британскиот вирус.
„Со анализа на 180 геноми на Сарс-Ков-2 кај пациенти во нашата земја до 11 јануари, не е откриена варијантата на британскиот вирус. Но, во текот на пандемијата имаше 20 различни типа на мутации на корона вирус, со тоа што двете најизразени инфицираа над 75% од пациентите во земјата“, наведоа од Министерството за здравство.
Од друга страна, токму поради овој сој на вирусот, скоро сите најмоќни држави се со строги ограничувачки мерки. Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Шпанија се меѓу земјите што спроведоа ограничувања на движењето, затворање на училиштата, угостителските објекти и јавните институции.
Но, денеска од Германија пристигна нова забрана. Германската амбасада во Скопје информира дека сите лица кои престојувале во земји со висок ризик пред да влезат во Германија, во принцип треба да бидат ставени во карантин, нагласувајќи дека ова важи и за граѓаните на Македонија, бидејќи земјата е регистрирана како „регион со висок ризик од инфекција со корона вирус.
„Сите лица пред да влезат во земјата исто така се должни да покажат негативен тест за ковид 19 не постар од 48 часа, чиј резултат мора да се има на хартија или електронски документ на германски, англиски или француски јазик“, наведуваат од германската амбасада во Скопје.
Според институтот Роберт Кох, овие европски земји се во категоријата земји со висок ризик заклучно со вчера: Македонија, БиХ, Србија, Косово, Словенија, Албанија, Шпанија, Португалија, Естонија, Летонија, Литванија, Андора и Чешка. А, Велика Британија, Ирска, Северна Ирска, Јужна Африка и Бразил се регистрирани како земји каде има мутација на вирусот.