Кинескиот претседател Кси Џинпинг му порачал на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун дека Пекинг е расположен да соработува со Пјонгјанг во одржувањето на светскиот мир, пренесуваат во саботата медиумите во Северна Кореја.
Пораката на Кси доаѓа неколку дена откако Северна Кореја ја истрела интерконтиненталната балистичка ракета во еден од најмоќните тестови досега, порачувајќи дека со своето нуклеарно оружје ќе се соочат САД и Јужна Кореја, кои Пјонгјанг ги обвинува за подготовки за инвазија и за американската нуклеарна закана.
Изминатите седмици Северна Кореја изведе бројни лансирања на различни видови ракети и артилериски стрелби, па во регионот се зголемија мислењата дека Пјонгјанг се подготвува за седмото нуклеарно тестирање, прво по 2017 година.
Кси во пораката до Кин рекол дека Пекинг е подготвен да соработува со Северна Кореја на зачувување на „мирот, стабилноста, развојот и напредокот на регионот и светот“, објави службената севернокорејска новинска агенција KCNA.
Кинескиот челник додал дека е подготвен да соработува со Пјонгјанг бидејќи „промените во светот, времено и историјата се одвиваат на невиден начин“, пренесува KCNA цитирајќи ја пораката за којашто наведува дека е примена како одговор на честитката од Кин откако на Конгресот на Комунистичка та партија на Кина минатиот месец Кси го доби третиот мандат.
Неколку дена пред севернокорејското лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета (ICBM) на 18-ти ноември, за која се верува дека е најновиот севернокорејски од овој тип и може да понесе нуклеарна боева глава и да погоди која и да е точка на континенталната територија на САД, Кси на маргините на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали се сретна со американскиот претседател Џо Бајден, кој изрази притоа увереност дека Пекинг не сака натамошна ескалација на Корејскиот полуостров.
Вашингтон објави дека сака Пекинг, како најважниот сојузник на Пјонгјанг и негова главна економска поддршка, да го искористи своето влијание да ја заузда Северна Кореја.
Советот за безбедност при Обединетите нации одржа отворен состанок поради севернокорејското лансирање, на кое САД, Велика Британија, Франција и Индија „силно ги осудија“ постапките на Северна Кореја. Меѓутоа, западни дипломати тогаш за AFP рекле дека наводно Кина и Русија „избрале да не застанат зад заедничката изјава“ во понеделникот.
Претходно САД ги обвини Кина и Русија дека ја штитат Северна Кореја од натамошно казнување, која инаку е подложена на децениски сеопфатни меѓународни санкции. Во мај Пекинг и Москва ставија вето на предлогот на западните земји предводени од Вашингтон за построги санкции противи Пјонгјанг поради претходните лансирања.