Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во саботата рече дека очекува оти резултатите од неговиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе започнат да се применуваат наскоро, вклучително и нови санкции за Русија и уште повеќе оружје за Украина.
Кулеба им се заблагодари на САД за помошта, но повтори дека се надева на уште поголема воена помош, особено за воспоставување зона за забранети летови над Украина. Блинкен повеќепати минатата седмица го отфрли ова украинско барање, бидејќи активирањето на воздушните сили на НАТО би довело до директен воен судир со Русија.
„Одбивањето на НАТО да воспостави зона за забренето летање над Украина е фрустрирачко и ќе доведе до уште поголем број цивилни жртви“, изјави Кулеба на прес-конференција по средбата. Го квалификуваше тоа како „знак на слабост“ на Западот.
Блинкен и Кулеба се сретнаа на украинската граница со Полска во саботата за да зборуваат за поддршката на Западот за Украина и изолацијата на Русија со цел да се запре десетдневната руска офанзива.
Шефот на украинската дипломатија на американскиот колега му рекол дека на неговата земја ѝ се потребни борбени авиони и систем за противвоздушна одбрана. Се поставува прашање како необучените украински воени пилоти би управувале со западните авиони или, пак, во Киев сметаат на ангажирање и западни воени пилоти, што исто така би претставувало директна западно-руска конфронтација.
Блинкен претходно во саботата во послениот пограничен град Режов се стрена со полските финкциониери, и го пофали „полскиот одговор на делувањето на Русија“.