Кумановец со фалсификувана диплома се вработил во УБК

Раководството на Меѓународниот Славјански Институт „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе е осомничено дека  фалсификувале диплома на кумановец за завршено високо образование, кој со истата се вработил во МВР.
Полицијата поради постоење основи за сомнение за сторени кривични дела, до ОЈО Куманово поднесе кривични пријава против лицата М.Б.(33) од Куманово, Б.С. (36)од Свети Николе, генерален директор на Институтот, Д.Н. (71) од Пробиштип, ректор на Институтот како и против В.М.Н. (59), вработена во Државниот просветен инспекторат на работно место советник- државен просветен инспектор.

Според полицијата, М.Б. се сомничи дека сторил едно кривично дело употреба на исправа со невистинита содржина, а Б.С. и Д.Н. се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување исправа. Инспекторката се товари за кривично дело несовесно работење во службата.

Од истрагата било утврдено дека М.Б. на 25.09.2009 година потпишал договор за студирање на приватна високообразовна установа Меѓународен Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе, на Факултетот за економија и организација на претприемништво. За тоа му било оформено досие, а во текот на 2010 година заминал на привремена работа во Авганистан. Во временскиот период од 25.09.2009 година па се до 04.12.2012 година кумановецот од задолжителни 33 предмети за предвидени 4 студиски години и 8 семестри вкупно нерегуларно положил 24 предмети од кои на 19 испити не присуствувал бидејќи бил во странство, пет предмети ги положил пред да биде запишан во образовната институција (иако тие не биле предвидени во учебниот план и програма), еден предмет го положил два дена по запишување во образовната институција, а за останатите осум предмети присуствувал на полагање, велат од МВР.

Директорот и ректорот на Институтот за да му овозможат на М.Б. да се стекне со Уверение за завршен Дипломиран економист – Менаџмент на организација, од 25.09.2009 година до 04.12.2012 година ја злоупотребувале службената положба и овластување, на начин што изготвиле и потпишале 24 пријави за испит со невистинита содржина дека наводно првопријавениот бил присутен на полагање и ги положил испитите во редовна постапка, а Д.Н. на 24.05.2013 година му издал и потпишал невалидна Диплома.

Кумановецот ваквата диплома ја употребил како вистинска и на 24.12.2014 година, без претходно објавен јавен оглас бил вработен во МВР со Договор за вработување на неопределено време на работно место- приправник во Управата за безбедност и контраразузнавање, а од 01.10.2015 година со Одлука на Комисијата за распоредување и унапредување на работни места во Управата за безбедност и контраразузнавање со Решение е унапреден на работно место, велат од МВР.

В.М.Н. пак, на 22.09.2017 година при вршење координиран вонреден инспекциски надзор, во соработка со полициски службеници од СВР Куманово, на Меѓународниот Славјански Институт “Гаврило Романович Державин“ Свети Николе составила лажен записник при што констатирала дека четири испитни пријави се спорни од кои три по однос на недоволно пишани бонус бодови за положен испит, една испитна пријава дека е непотпишана, а не ги земала во предвид пријавите за предвремено положени пет испити впишани во студентското досие за период додека М.Б не бил запишан на образовната установа со крајно образложение во Записникот дека по однос на наводите наведени во барањето на СВР Куманово нема констатирано неправилности и предметот се заклучува.