Бензинската пумпа „Твинс петрол“ повторно беше на мета на вооружени разбојници. Утрово вооружените разбојници паднаа во полициска заседа.
Настанот, како што соопштува МВР, се случил рано утрово околу 04,00 часот во Куманово на ул.„11-ти Октомври“ бб, во кругот на Железничката станица, во бензиската пумпа „Твинс Петрол“. Двајца маскирани сторители извршиле разбојништво во обид над вработената од Куманово.
Двајцата разбојници паднаа во полициска заседа
Имено, откако влегле во бензиската пумпа, едниот од нив извадил пиштол, со кој и се заканувал на вработената.
Бидејќи на наведената бензинска пумпа веќе неколку пати има извршено разбојништво со закана со огнено оружје, полициски службеници од ПС-Куманово биле во заседа, при што во моментот кога ги забележале сторителите, ги предупредиле да се предадат. Еден од сторителите со пиштолот во рака се свртел кон полициските службеници, по што истите испукале најпрво во воздух, а потоа неколку истрели кон сторителите. Двајцата сторители во тој момент се дале во бегство, но едниот од нив од здобиените повреди паднал, а другиот успеал да побегне, информираат од МВР.
Фатен еден од двајцата разбојници
По извршениот разговор со повредениот сторител, било констатирано е дека се работи за 19 –годишниот Б.Х. од село Синѓелиќ.
Вториот сторител побегнал од местото на настанот со патничко моторно возило.
По укажаната лекарска помош во Медицинскиот центар Куманово, Б.Х. бил пренесен во Клинички центар во Скопје. Увид на лице место извршиле јавен обвинител и увидна екипа при што бил пронајден и подигнат за вештачење еден пиштол.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на настанот.