5.8 C
Skopje
четврток, декември 5, 2024

Кумановските бранители бараат оставка oд Шекеринска

Од Здружението на бранители „2001 Куманово“ реагираат за фотографијата на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска со градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, каде се гледаат симболи на УЧК во позадина и бараат оставка од министерката.

Од ова здружение посетуваат дека министерката се сликаше пред симбол на паравоена формација која уби десетици македонски бранители во 2001 година.

„Таа е министер за одбрана и треба да се грижи за интегритетот и достоинството на министерството кое го води. Таа гази по гробовите на македонските херои. Како министер во официјална посета треба да инсистира на симболите на армијата и Македонија. Не само што на посетата нема симболи на Македонија, туку има и симболи на странски држави и симболи на паравоена формација која се бореше за поделба на Македонија. Кога Шекеринска стои пред симболот на УЧК треба да каже и дали се согласува со ставовите на УЧК за поделба на Македонија. Доколку не, зошто не инсистирала симболот да биде тргнат, или во лов на гласови е спремна како и нејзиниот шеф Заев да вети се, без разлика какви последици тоа ќе има врз македонското национално ткиво. Шекеринска ја понижи армијата и нацијата. Бараме итна оставка од Шекеринска, како и извинување до сите бранители, како и до семејствата на загинатите бранители, кои својот живот го положија за да има Шекеринска сега држава на која може да и биде министер за одбрана, а нејзината партија буџет за испумпување преку тендери“, вели претседателот на Здружението на бранители „2001 Куманово“, Предраг Петрушевски Бинго.