Уште два нови случаи позитивни на делта сојот на SARS-CoV-2 се регистрирани во „Жан Митрев Клиник“, соопшти доктор Горан Кунгуловски во вторникот на својот профил на Facebook.
Од Министерството за здравство сѐ уште нема потврда за новите случаи, а министерот Венко Филипче претходно денеска соопшти дека има четири потврдени случаи на делта сојот.
„Денеска се потврдени шест случаи (четири во Јавно здравство и два во Жан Митрев клиник) позитивни на делта варијантата на SARS-CoV-2. Голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од алфа сојот (барем 50 проценти, а претходно алфа сојот се пренесуваше барем 50 отсто побрзо од D614G сојот кој пак се пренесуваше за 20-30 посто побрзо од изворниот Wuhan-ски сој“, пишува Кунгуловски на ФБ.
Според него, има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и земјава во наредниве неколку месеци.
„Тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните… Вакцините се уште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата“, напиша Кунгуловски.