Куп на Германија: Борусија Дортмунд последен четвртфиналист

Фудбалерите на Борусија Дортмунд се последните четвртфиналисти од овосезонското издание на Купот на Германија, откако во средата вечерта ја оправдаа улогата на фаворити во осминафиналето и на гости го совладаа Бохум со 2:1 (1:0).

Борусија поведе во самиот финиш на првото полувреме со голот на Кан (45+1) по големата грешка на домашниот голман Риман, израмни Бохум од сомнителен пенал на Штогер во 64 минута, но набрзо потоа Ројс во 70 минута го врати водството кај гостите.

Претходно во средата победи и Нирнберг, совладувајќи ја Фортуна од Дизелдорф со 6:4 (1:1, 0:1) со подоброто изведување на идарите од 11 метри во дуелот на двајцата второлигаши. Гостите беа на дофат да победата, бидејќи со голот на Коунацки од 33 минута водеа до третата минута од судиското надополнување, кога ударот на Думан го погоди дефанзивецот на Фортуна во глава и заврши во мрежата за 1:1. Бидејќи во дополнителните половина час немаше голови, победникот беше решен со удари од белата точка, во кои поуспешни беа домаќините.

На тој начин Борусија и Нирнберг им се приклучија на Штутгарт, Унион Берлин, РБ Лајпциг, Баерн, Ајнтрахт Франкфурт и Фрајбург кои претходно обезбедија пласман во четвртфиналето.