Куп на кралот: Жирона, Селта и Реал Сосиедад во четвртфиналето

Фудбалерите на Жирона, Селта Виго и Реал Сосиедад во средата вечерта се пласираа во четвртфиналето на овосезонското издание на Купот на шпанскиот крал.

Водечкиот тим во шпанското првенство пред своите гледачи за 26 минути постигна три гола против Рајо Ваљекано. Кристијан Стуани беше двоен стрелец (15, 19-11м) за Жирона, а Дејли Блинд (26) погоди за 3:0. Ренди Нтека (36) успеа да ја намали негативата на гостите.

Минатогодишниот финалист Осасуна годинава не усепа да дојде до четвртфиналето, откако беше поразена со 0:2 Реал Сосиедад на „Ел Садар“. Стрелец на водечкиот гол беше Микел Ојарзабал (57) од пенал, при што домашните останаа со играч помалку, бидејќи судијата Ернандез му покажа црвен картон на дефанзивецот Алехандро Катена, кој го направи пеналот. Во седмата минута од судиското продолжение Браис Мендез се избори и изведа најстрога казна. Неговиот обид го одбрани домашниот голман Аитор Фернандез, но Микел Мерино прв натрча на одбиената топка и ја испрати во мрежата за конечни 2-0.

Селта Виго победи со 3:1 на гостувањето кај Валенсија благодарение на двојниот стрелец Гркот Анастасиос Дувикас (18-11м, 80) и Лука де ла Торе (13), додека единствениот гол за домашната екипа го постигна Пепела (29-11м. ).

Во четврток ќе се одиграат последните два осминафинални натпревари; третолигашот Унионистас ќе ѝ гостува на Барселона во Саламанка (19:30), а мадридското дерби ќе се игра на „Метрополитано“ каде Атлетико ќе му гостува на Реал (21:30).

Жрепката за четвртфиналните двојки ќе се одржи во петок на 19-ти јануари.