Курц и Чавушоглу се скараа на Твитер за бегалците и визната либерализација

Шефовите на дипломатиите на Австрија и Турција, Себастијан Курц и Мевљут Чавушоглу си разменија критички пораки на Твитер, по повод заканата на Анкара дека ќе ја раскине спогодбата за бегалците со ЕУ, пренесува МИА.

Како што јави Танјуг, Курц решително ги отфрли заканите на Чавушоглу дека Турција може да ја раскине спогодбата со ЕУ за запирање на бегалцскиот прилив, доколку не добие визна либерализација.

Курц порача дека ЕУ не смее да се согласи со уцените од Анкара.

Го отфрлам ултиматумот на  Чавушоглу. ЕУ не смее да стане зависна од Турција и мора самата да ги чува своите надворешни граници, напиша Курц.

Реакцијата од Турција следеше веднаш по ваквата порака на Твитер профилот на Себастијан Курц.

Нарекувајќи го шефот на австриската дипломатија по име, Чавушоглу истакна дека е тоа негов став и се повика на слободата на изразување на мислење.

Тоа не е ултиматум Себастијане. Тоа е мое мислење. Слобода на мислење мој пријателе, напиша Чавушоглу.

Изминатиот викенд  турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во еден свој говор ги нападна Австрија и Германија, тврдејќи дека во овие земји не се почитува слободата, посебно слободата на мислење и изразување.