Каталонскиот фудбалски гигант Барселона во саботата навечер потврди дека го ангажирала бразилскиот репрезентативен играч од средниот ред, 25-годишниот Филипе Кутињо, кој досега го носеше дресот на англискиот премиерлигаш Ливепрул.
Според пишувањето на шпанските медиуми, Барселона на Ливерпул ќе му плати 120 милиони евра, а вкупната вредност на трансферот може да порасне и до 160 милиони евра, во зависност од учинокот и успесите, што го прави најскапиот трансфер во 118-годишната историја на каталонскиот клуб.
Станува збор, исто така, за рекордно висо трансфер што го остварил клуб од Велика Британија. Ливерпул во 2013 година на милански Интер за Бразилецот му плати само 10 милиони евра.
Бразилецот би можел веќе во понеделник да го потпише петгодишниот договор и да биде претставен на стадионот „Ноу Камп“.
„Барселона и Ливерпул постигнаа договор за преминувањето на Кутињо. Играчот ќе потпише договор до крајот на сезоната и на уште пет години. Отштетната клаузула ќе изнесува 400 милиони евра“, се наведува во соопштението на Барселона.
Досегашниот најголем трансфер во историјата на Барселона е остварен во август 2017 година, кога на Борусија Дортмунд ѝ беа платени 105 милиони евра за 20-годишниот крилен француски играч Усман Дембеле.
Меѓутоа, Барселона минатото лето го оствари и највносниот трансфер во историјата кога за 222 милиони евра на Пари Сен Жермен му го отстапи бразилскиот напаѓач Нејмар.