Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска бара од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се извини по вчерашниот говор на пратеничката Олга Лозановска која рече дека завчера во Собранието дошле да ги стерлизираат Македонците дома, алудирајќи на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според Кузеска, нервозата кај, како што вели, деструктивната, антиевропска партија ВМРО-ДПМНЕ кулминира, а таа се манифестирала преку навредите и говорот на омраза во Собранието.
„ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нацист. Скандалозно, за ВМРО ДПМНЕ Европската унија, нашите пријатели од Германија се нацисти! Навредливиот речник на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е за секаква осуда и го урива угледот на државата и на законодавниот дом.“, рече Кузеска.
Според неа, однесувањето на пратениците од опозициската партија е срамно и за секоја осуда.
„Дали за ВМРО-ДПМНЕ нацисти се и инвеститорите од Германија кои имаат инвестирано милиони евра во нашата татковина? Зарем за ВМРО-ДПМНЕ Кромберт и Шуберт, Дркселмајер, Гересхајмер кои веќе имаат фабрики во земјава се нацисти? Или можеби германските фондации, како Конрад Аденауер со која соработува токму ВМРО-ДПМНЕ? И тие ли се нацисти за ВМРО-ДПМНЕ?“,
прашува Кузеска.