Покрај соочувањето со едностраните потези на Приштина и тензиите на северот на Косово, на Србија до крајот на годинава и се подготвуваат најмалку две замки на пошироки размери, објави „Курир.рс.“
Еднота се крие зад најавата на Приштина дека на 15 декември ќе поднесе апликација за членство во ЕУ, што дополнително ќе го усложни теренот на кој Белград и Приштина треба да го продолжат дијалогот, а другота е поставена веднаш потоа, од 17 декември, кога започнува нов бран на западната дипломатија со доаѓањето на претставниците на земјите од „Квинта“ (САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија) во Белград.
Највисоки притисоци
Претседателот Александар Вучиќ не криеше дека најтешкиот ден за Србија ќе биде сабота, 17 декември, кога тој и цела Србија ќе бидат „изложени на жестоки напади и притисоци однадвор, не само на хибридната војна на која бевме досега изложени, туку и на најголемите и најтешките досега можни притисоци“.
– А тоа можам да го очекувам веќе од 17 декември, кога претставниците на Германија, Франција, Америка, но и Брисел ќе бидат во Белград и кога ќе ми „објаснат“ како треба да се однесуваме и ако не, какви ќе бидат последиците – рече Вучиќ.
Слободан Зечевиќ од Институтот за европски студии за Курир вели дека овие два датуми не можат да донесат ништо позитивно за Србија.
– Апликацијата на Приштина за членство во ЕУ е крајно негативен сигнал. Пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат независноста на Косово, а без едногласна одлука на Унијата, тоа нема кандидатски статус. Земја која не ја признала независноста не може да гласа за Косово да биде кандидат, со оглед на тоа дека Косово мора да има статус на независна држава. Во спротивно, тоа би бил неверојатен преседан. Во ситуација кога Европа има војна на нејзина територија, „Квинта“ бара што поскоро да ја затвори приказната за Косово. Ќе има такви притисоци врз Србија, но таа има свои црвени линии, а тоа е дека нема да дозволи членство на Косово во меѓународните организации и нема да ја признае независноста на Косово – оценува Зечевиќ
Зечевиќ потсетува дека постои план на Западот, кој сѐ уште не е објавен, Србија практично да не ја признае независноста на Косово, туку индиректно да прифати учество на Косово во меѓународните организации.
– А тоа би го олеснило дефинитивното признавање на Косово, односно петте земји од ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово би рекле: „Видете, Србија е релативно пасивна, па и ние би можеле да признаеме независно Косово“. Состојбата дека Косово е членка на меѓународните организации, па дури и на ОН, би била сосема нова и многу би го олеснила признавањето, односно притисокот врз нив да го признаат би бил многу силен. Но, решението за Албанците не е само независно Косово. Мислам дека Западот нема да може да го задржи така, но е во перспектива да го обедини со Албанија – предупредува Зечевиќ.
Доволна предност
Потпретседателката на Центарот за надворешна политика Сузана Грубјешиќ за Курир оценува дека одговорното однесување и дава предност на Србија.
– Косово може да аплицира за членство во ЕУ, но нема шанси оваа апликација да биде прифатена од сите 27 земји членки, бидејќи одлуките за тоа се носат едногласно, а пет членки не го признаваат Косово како суверена држава, без разлика на степенот на соработка што некои од нив ги имаат со косовските власти. Второ, Лисабонскиот договор, како еден од основните договори на ЕУ, многу прецизно зборува за членството на државите, а не на ентитетите. За Србија е исклучително важно што се однесуваше одговорно и конструктивно во сегашната ситуација, истовремено штитејќи ги правата на нашиот народ на Косово и Метохија. Тоа ѝ дава доволна предност што во продолжението на дијалогот продолжува силно да го застапува принципиелниот став за неопходноста од исполнување на претходно постигнатите договори пред да се премине на склучување нови, вели таа.