Ла Лига: Реал ремизираше кај Бетис, Барса се оддалечува на врвот

Во последниот неделен дуел од 24-то коло од шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид одигра без голови на гостувањето кај Реал Бетис и е сѐ подалеку од одбраната на титулата.

Мадридскиот „Кралски клуб“ доминираше во текот на целиот натпревар, создаде неколку одлични шанси, но Бетис одлично се одбрани.

Реал во 12 минута постигна погодок. Одлично Карим Бензема ја затресе противничката мрежа од слободен удар, но топката на патот кон голот го погоди Антонио Рудигер во рака, па по проверка на ВАР-от погодокот беше поништен. Во 31 минута одлична прилика пропушти Родриго, а во 49 минута и Бензема.

Првата голема шанса на натпреварот домашните ја има во 53 минута, шутираше Борха Иглесијас, но Тибо Куртоа беше на место. Ридриго имаше шанса и во 61 минута, но шутираше над голот. До крајот на мечот се закануваа и Даниел Себаљос и Виниус Жуниор, но немаше промена на резултатот.

Бетис остана на петтото место со 44 бодови, а актуелниот шпански првак сега има девет бодови помалку од водечката Барселона со 62 бодови која на домашен терен ја совлада Валенсија која грчевито се бори за опстанок, а по ова коло и натаму е претпоследна 19-та со 23 бодови, два помалку од местата кои гарантираат опстанок во Примера.

Барселона поведе уште во 15 минута со голот на Рафиња. Настојувањата на Каталонците да го решат дуелот можеа да се остварат во 55 минута, но Феран Торес од пенал ја погоди само левата статива. Веќе следниот напад Ансу Фати, кој исто така имаше намера да го изведе пеналот, ја погоди спротивната статива. Четири минути подоцна домашните остана со играч помалку откако исклучен беше Араухо кој спречи противничкиот играч во налет да избие сам пред Марк Андре тер Штеген. До крајот на дуелот Валенсија притисна, но не успеа да дојде до израмнување, а Барса не умееше да организира прецизен противнапад.

Во првиот неделен дуел Реал Вајадолид го совлада Еспањол со 2:1, остварувајќи ја првата победа во последните четири кола, доаѓајќи до важни бодови во борбата за опстанок.

Вајадолид поведе со 2:0 преку Иван Санчез во 25 и Алваро Агуадо во 62 минута, а Еспањол само намали во 87 минута со голот на Мартин Брајтвајт.

Еспањол остана на 12-то место со 27 бодови, колку што сега има и Вајадолид кој е две места подолу на табелата.

Рајо Ваљекано на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски пропушти можност со домашна победа над Атлетик Билбао да се приближи до местата кои водат во европските купови. Димитриевски ја сочува својата мрежа, но неговите соиграчи не успеаја да ја затресат противничката.

Така Рајо остана на седмото место со 35 бодови, сега два помалку од Вилјареал кој ја држи шестата позиција која води во Конференциската лига. Атлетик Билбао е осми со 33 бодови.

Во понеделник во вечерниот термин од 21 часот колото ќе го затвори дуелот Осасуна – Селта Виго.