Во првиот натпревар од 17-то коло на шпанската Ла Лига во петокот вечерта, фудбалерите на Селта и Виљареал ги поделија бодовите во Виго играјќи 1:1.
Виљареал беше на добар пат да ја оствари четвртата првенствена победа во низа, откако поведе во 15 минута со голот на нивниот најдобар напаѓач Херардо Морено. Виљареал водеше до 68 минута кога Јорген Странд Ларсен израмни на 1:1. Инаку, Норвежанецот во игра влезе само три минути порано.
До крајот на натпреварот Селта имаше подобри шанси и беше поблиску до преостанатите бодови, но домашните сепак не успеаја да направат целосен пресврт.
Со освоениот еден бод Виљареал во моментов се искачи на четвртото место на табелата со 28 бодови, но ја следат со исто толку бодови Реал Бетис, со бод помалку Атлетико Мадрид а со два Атлетик кои имаат натпревар помалку. Селта сега е на 15-то место со 17 бодови, само два повеќе од зоната на испаѓање.
Во сабота во рамките на ова коло играат Ваљадолид – Рајо Ваљекано, Жирона – Севиља, Осасуна – Мајорка и Реал Сосиедад – Атлетик. В недела на програмата се натпреварите Хетафе – Еспањол и Алмерија – Атлетико Мадрид.
Во понеделник се среќаваат Кадиз – Елче, а на почетокот на февруари ќе се играат дуелите Бетис – Барселона и Реал Мадрид – Валенсија.