Фудбалерите на Атлетико Мадрид ја демолираа со дури 6:1 на домашен терен Севилја, во последниот меч од саботната програма од 24-то коло на шпанското првенство.
Особено овации доживеа тренерот на „Јорганџиите“, Аргентинецот Диего Симеоне. Имено, со 613 натпревари на клупата на Атлетико, тој стана првиот тренер кој минал најмногу натпревари во исто клуб во историјата на шпанскиот фудбал во сите натпреварувања.
Симеоне од саботата е за еден натпревар пред уште една легенда на Атлетико, Луис Арагоњес, кој го водел тимот на 612 дуели во четири периоди меѓу 1974-1980, 1982-1987, 1991-1993 и 2001-2003. Трет на оваа лиса е поранешниот тренер на градскиот ривал Реал Мадрид, Мигуел Муњоз со 605 натпревари од 1959 до 1974 година.
Мемфис Депај во 22 и 27, Антоан Гризман во 53, Јаник Караско во 59 и Алваро Мората во 76 и 90+2 минута беа стрелци за Атлетико а Јусеф ен-Незири во 37 минута за Севилја. Во 74 минута за гостите не реализираше пенал Иван Ракитиќ, а во 80 минута беше исклучен Пепе Гвеје.
Атлетико Мадрид моментално е трет со 45 бодови, бод повеќе од Реал Сосиедад кој има меч помалку, и четири бодови повеќе од петтиот Реал Бетис кој заостанува и со два натпревара помалку.
На врвот се Барселона со 59 и Реал Мадрид со 51 бодови. Севилја моментално е 16-та на табелата со 25 бодови, само бод повеќе над зоната на испаѓање.
Во првиот саботен натпревар Хетафе дома со 3:2 ја совлада Жирона. Домашните имаа сигурни 3:0 по првото полувреме, остварено преку Енес Унал во 2 и 14 минута од пенал, а пред заминувањето на одмор во 43 минута погоди и Борха Мајорал. Но гостите не се предадоа, заиграа поангажирано и намалија во 54 минута преку Валентин Кастељанос и во 80 минута преку Мигуел Гутиерез, но немаа сила за големо враќање и израмнување.
Жирона и покрај поразот го задржа 11-то место со 30 бодови, додека Хетафе со победата моментално се извлече од зоната на испаѓање и сега е 15-ти со 25 бодови.
Вилјареал со головите во финишот од мечот, во 76 на Жерар Морено и 88 минута на Хозе Луис Моралес со 2:0 славеше на гости кај Алмерија.
Така Вилјареал во моментов е шеста, последното место кое води во европските купови со 37 бодови, три повеќе од Рајо Ваљекано кој има меч помалку. Алмерија остана на 25 бодови и на 17-то место, последното кое гарантира опстанок во Примера.
Гостинска победа остварена на самиот крај од мечот, во 88 минута преки Лукас Боје, оствари и Елче кај Мајорка.
Ова беше само втората првенствена победа на Елче оваа сезона, и натаму е последен 20-ти со само 12 бодови и веќе сигурна преселба во Сегунда. Мајорка со 31 бод моментално е на средината на табелата 10-та.
Во сабота на распоред се натпреварите Вајадолид – Еспањол (14 часот), Барселона – Валенсија (16,15), Рајо Ваљекано – Атлетик Билбао (18,30) и Реал Бетис – Реал Мадрид (21 часот), а колото во понеделник во 21 часот го затвора дуелот меѓу Осасуна и Селта Виго.