Ланг и Нурипур нови претседатели на германските Зелени

Парламентарците Рикарда Ланг и Омид Нурипур во саботата на партиската конвенција биа избрани за новите копретседатели на германската коалицијата на Зелените (Bündnis 90/Die Grünen).

Ланг и Нурипур на чело на партијата ги заменија Аналена Бербок и Роберт Хабек кои по влегувањето во коалициската влада со Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и со либералните Слободни демократи (FDP) станаа министри за надворешни работи односно за економија, и се повлекувоа од водството на партијата согласно правилата за раздвојување на партиските и владините функции.

За 46-годишниот Омид Нурипур, портпарол за надворешнополитички прашања на пратеничката група на Зелените во Бундестагот гласале 83 отсто од делегатите на онлајн конвенцијата. Досегашната потпретседателка на партијата Рикарда Ланг добила 76 отсто од гласовите и со 28 години стана најмладата претседателка во историјата на Зелените а веројатно и на некоја германска политичка групација воопшто.

Ланг по изборот изјави дека нејзината главна задача ќе биде усолгласување на борбата против климатските промени со социјалната стабилност.

„Мораме да ја отстраниме таа лажна противречност меѓу заштитата на климата и социјалната справедливост“, изјави Ланг.

Нурипур ја истакна амбицијата на Зелените да победат на следните парламентарни избори и да постават канцеларка или канцелар. Додаде дека коалициската влада со социјалдемократите и либералите „има замки“ но воедно е и добра можност за реалзирање на „зелените идеи“.

Според аналитичарите, пред новото водсто се наоѓа тешка задача за усогласување на партиските насоки и компромисите коишто ги бара ангажирањето во новата коалициска влада. Со либералите има несогласувања во врска со климатските насоки на влаата, а во надворешната политика, особено во односот кон Русија при што зелените бараат поостар курс од социјалдемократите и канцеларот Олаф Шолц.

Во пресрет на ланските парламентарни избори Зелените долго водеа во анкетите, но на крајот оставрија 14,8 отсто гласови и беа треата партија по моќност зад социјалдемократите и демхристијаните од Унијата CDU/CSU.